Стар Завет

Нов Завет

Псалми 9:6-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Непријателите исчезнаа - запустени засекогаш; Ти им ги разурна градовите - и споменот им го снема.

7. Но Господ царува секогаш, го подготви Својот престол за судење.

8. И ќе му суди на целиот свет со правда, ќе ги осуди народите справедливо.

9. Господ е засолниште на угнетуваните, тврдина на спасението во тешки денови.

10. Во Тебе се надеваат оние, кои го знаат Твоето Име, зашто не ги оставаш оние, кои Те барат Господи!

11. Пејте Му на Господа, Кој живее на Сион, разгласете ги Неговите дела меѓу народите;

12. зашто си спомнува за нив како одмаздникот за крв, и не го заборава викањето на бедните.

13. Смилуј ми се Господи: погледај на моето страдање од моите непријатели; Ти, Кој ме избавуваш од вратите на смртта;

14. за да ги навестувам сите Твои пофалби во вратите на Сионовата ќерка, за да се радувам поради Твојата спасителна помош.

15. Народите паднаа во јамата, што сами ја ископаа; стапицата што ја ставија тајно, ја фати нивната нога.

16. Го познаа Господа - Тој судеше; грешникот се заплетка во сопствените дела.

17. Безбожниците ќе се вратат во подземјето, сите народи што Го забораваат Бога.

18. Зашто бедниот нема да биде заборавен засекогаш; ниту ќе биде изгубена засекогаш надежта на оние во неволја.

19. Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека бидат осудени пред Тебе!

20. Господи, пушти страв на нив, нека познаат народите дека се луѓе.

Прочитајте целосна глава Псалми 9