Стар Завет

Нов Завет

Судии 16:6-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Делила го праша Самсона: „Кажи ми каде стои твојата голема сила и со што треба да бидеш врзан, за да бидеш совладан.”

7. Самсон и рече: „Ако ме врзат со седум свежи, уште неосушени, жили од лак, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.”

8. Филистејските кнезови и донесоа на Делила седум свежи уште неосушени жили, и таа го врза со нив.

9. Кај неа во собата имаше заседа, и таа му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Тој ги скина жилите како што се кине колчиште кога ќе се доближи до огнот. И така не научија за неговата сила.

10. Тогаш Делила му рече на Самсона: „Ме измами и ме излага. Но сега кажи ми со што треба да бидеш врзан?”

11. Тој и одговори: „Ако ме врзат добро со нови, уште неупотребени, јажиња, ќе станам бессилен и ќе бидам како обичниот човек.”

12. Тогаш Делила зеде нови јажиња, го врза со нив и му викна: „Самсоне, ете се Филистејците врз тебе!” Кај неа во собата имаше заседа, но тој ги скина јажињата на рацете како да се конци.

13. Тогаш Делила му рече на Самсона: „Постојано ме измамуваш и ме лажеш. Кажи ми најпосле со што треба да бидеш врзан.” Тој и одговори: „Ако вткаеш седум плетенки од мојата коса во ткајачки разбој и ако ги заглавиш со клин, ќе станам немоќен и ќе бидам како обичниот човек.”

14. Таа го заспа и отка седум плетеници од неговата коса во ткајачкиот разбој, заби клин и му викна: „Ете се Филистејците врз тебе, Самсоне!” Тој се разбуди и ги истрга и клинот и ткајачкиот разбој.

15. Делила му рече: „Како можеш да речеш дека ме љубиш кога твоето срце не е со мене. Веќе трипати ме измами и не ми кажа во што е твојата голема сила.”

16. Бидејки секој ден му здодеваше и го мачеше, нему веќе му тежеше во душата до смрт.

17. И и го отвори целото свое срце: „Никогаш брич не поминал преку мојата глава, зашто од мајчината утроба сум Божји Назиреј. Ако ме избричат сета сила ќе ме остави, ќе бидам обессилен и ќе станам како обичниот човек.”

18. Тогаш Делила сфати дека и го отвори целото свое срце; ги повика филистејските кнезови и им рече: „Дојдете сега, зашто ми го отвори целото свое срце.” И филистејските кнезови дојдоа кај неа и донесоа сребреници со себе.

19. Откако го заспа Самсона на своите колена, таа повика човек па му избричи од главата седум плетенки коса. Така тој почна да слабее, и силата го остави.

Прочитајте целосна глава Судии 16