Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 17:18-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. А некои од епикурејските и стоичките философи почнаа да се препираат со него; па едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?” А други: „Се гледа дека проповеда туѓи богови,” зашто проповедаше за Исуса и за воскресението.

19. Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: „Можеме ли да знаеме каква е таа нова наука, што ја проповедаш?

20. Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?”

21. А сите Атињани и странците меѓу нив имаа време само за тоа да кажат или да чујат некаква новост.

22. Тогаш Павле застана среде Ареопагот и рече: „Луѓе Атињани! Гледам по сè дека сте многу побожни.

23. Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светини, најдов и жртвеник, на кого е напишано: ‘На непознатиот Бог.’ И така, тоа што вие не познавајќи го - го почитувате, јас ви го проповедам тоа.

24. Бог, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни храмови

25. ниту прима служба од човечки раце, како да има потреба од нешто; бидејќи Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сè.

26. Тој, исто, направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата земја; откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта,

27. за да Го бараат Бога; не би ли Го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас.

28. Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‘И ние сме Негов род.’

29. И бидејќи сме Божји род, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, или сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла.

30. И така, не гледајќи на времињата на незнаењето - Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде,

31. зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човекот Кого Го определил за тоа; давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.”

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 17