Стар Завет

Нов Завет

Исаија 40:11-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Како пастир го пасе Своето стадо, во рацете ги зема јагнињата, ги носи во Својата прегратка, и внимателно ги негува доилките.

12. Кој го измери морето со дланка и кој ги премери небесата со педа? Кој ја измерил со мерка земјата, и планините на мерилки, а бреговите на тежилка?

13. Кој го измерил Господовиот Дух, и кој Му бил советник за да Го поучи?

14. Со кој се посоветува Тој, кој Му дал разум Нему, кој Го научил на патиштата на правдата? Кој Го научи на знаење, кој Му покажа пат кон мудроста?

15. Ете, народите се како капка од ведро, вредат колку прав на мерилката. Островите, ете, треперат во воздухот како ситно делче!

16. Ливан е мал за огнена клада, а неговите ѕверови нема достатно за паленица.

17. Сите народи се како ништо пред Него, за Него се ништо и празнина.

18. Со кого ќе Го уподобите Бога? И со каков лик ќе Го споредите?

19. Леачот лее кип, златарот го позлатува и одлева веришки од сребро.

20. Бедниот за принос бира дрво што не гние и бара вешт уметник за да му направи неподвижен кип.

21. Зар не знаете? Зар не сте чуле? Не ли ви е откриено од старини? Зар не сфативте кој ја основа земјата?

22. Тој престолува над земниот круг, жителите се како скакулците пред Него. Како завеса ги простре небесата, ги оптегна како шатор за живеење.

23. Тој ги обрнува кнезовите во ништо, ги уништува земните судови.

24. Што туку беа засадени, што туку беа посеани, што туку нивното стебленце испружи корен во земјата, Тој дувнува на нив, и тие се осушуваат, виорот ги разнесува како плева.

25. „Со кого ќе Ме изедначите Мене, кој Ми е рамен?” вели Светецот.

Прочитајте целосна глава Исаија 40