1. Тогаш Духот се подигна и ме однесе до Источната Врата на Господовиот Дом, што е свртена кон исток. И ете: при влезот на вратата дваесет и пет луѓе, меѓу кои го видов и Јазаниј, синот Азуров и Фенатиј, синот Венајин, народни началници.
2. И ми рече: „Човечки сине, еве ги луѓето што смислуваат нечесности и кои што му даваат на овој град лоши совети, велејќи:
3. ’Не е ли час да градиме домови? Овој град е котел, а ние сме месо.’
4. Затоа пророкувај против нив, пророкувај, човечки сине!”
5. И Господовиот Дух слезе врз мене и ми кажа: „Речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Не зборуваш ли така, Израелев дому? Ама Јас ги познавам мислите на вашето срце!
6. Ги умножувате убиствата во овој град и неговите улици ги полните со трупови.”
7. Затоа Господ, Господ, зборува вака: „Тие што вие ги прободовте и ги расфрлавте по градот - тие се месо, а градот е котел. Затоа сега ќе ве изведам од него.
8. Стравувате од меч, и меч ќе доведам на вас, говори Господ Бог!
9. Ќе ве изведам од градот и ќе ве предадам во рацете на туѓинците и ќе го извршам Мојот суд врз вас:
10. ќе паднете од меч, ќе ви судам на Израелевата Меѓа, и тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ!
11. А овој град веќе нема да биде котел, и вие нема да бидете негово месо. Ќе ви судам на Израелевата Меѓа,
12. и тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ по чии уредби не живеевте и чии закони не ги извршувавте, туку живеевте по законите на околните народи!”‘“
13. Додека пророкуваше така, почина Фелатиј, синот Венајин и јас паднав ничкум та извикав со сиот глас: „Леле Господи, Господи, зар навистина ќе го уништиш сиот Остаток на Израелевиот дом?”
14. И ми дојде Господовото слово:
15. ”Човечки сине, на твоите браќа и на твоите роднини, и на сиот Израелев дом, Ерусалимците им зборуваат: ‘Далеку сте од Господ! Оваа земја не ни е дадена нам во сопственост!’
16. Затоа речи им: ‘Господ, Господ, зборува вака: „Ако и ги протерав меѓу далечните народи, ако и ги распрснав по земјите, наскоро Јас самиот ќе им бидам Светилиште во земјите во кои се наоѓаат.”‘
17. Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Ќе ве соберам од народите, ќе ве вратам од земјите во кои што бевте распрснати, и пак ќе ви ја дадам Израелевата Земја!”‘
18. И кога ќе се вратите во неа, ќе ги истребат од неа сите грозности и гадости.
19. И Јас ќе им дадам ново срце и ќе вдахнам нов дух во нив: ќе го откорнам од нив нивното камено срце и ќе ставам во нив срце од месо,
20. за да одат по Моите наредби и да ги чуваат и да ги вршат сите Мои закони. И тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог!
21. А на оние на кои срцето оди по грозностите и гадостите ќе го оборам врз главата нивниот пат,” говори Господ Бог.
22. Херувите ги подигнаа крилата, и колцата се кренаа по нив, а Славата на Израелевиот Бог трепереше над нив.
23. Господовата Слава се крена од градот и застана на гората, источно од градот.
24. А Духот ме подигна мене и ме понесе со Божјиот Дух кон заробениците во Халдејската Земја. И исчезна видението што го гледав.
25. И им раскажав на изгонетите сè што Господ ми откри.